Monday, April 9, 2012

Дождот на постоењето

Собираш капка по капка
во вдлабнатите дланки.
Едни доаѓаат, други заминуваат
и се така.

Првите се речиси незабележливи,
но како поминува времето
стануваат се појасни и појасни
и се здобиваат со различни
форми и големини.

Една е симбол на клупите
и хамерите во разни бои,
дрвените и мрсни боички
и употребата на гума во споменарот.

Во сосема друга
се чувани сите добро скриени тајни,
погледите и филмот на кино
со првите драги.

Доаѓа и лудилото
кое е карактеристично
за времето во кое се јавува,
а со него и навидум
страшните-ситни расправии,
испразнетите шишенца,
останатиот сок,
моментите кои ти ги прераскажувале ,
смешни луѓе,
тажни погледи,
глупави размислувања и што не.

Ги има многу.
Засилуваат па се намалуваат,
некаде долго, а некаде не,
па секој по патот.

Секоја капка си тежнее кон нешто,
си има свое минато,
запишала своја историја,
па е посебна и препознатлива.
Колку и да не ја сакаш- ти се допаѓа.

Денес се радувам на овие денешниве.
Оформена фигура и мирис на
пријатен парфем
кој се создал од нешто свето.

Има само три елементи,
но тие си се сосема доволни.
Одат заедно во пакет
и изгледаат како целина.

Им завидуваш?
Дури и кога би можел да ги разделиш
тие знам ќе се најдат некаде
преку мирисот,
допирот и разбирањето.

Ова го посветувам на нив
и на големината
на секој елемент посебно
и на сите заедно.
На нивната енормна поврзаност.

Дури и кога ќе испарат овие капки
нивниот мирис
ќе се сеќава сеуште.
Трите елементи
никогаш нема да бидат далеку
еден од друг,
каде и да се.

Едноставно- Тие се имаат!