Wednesday, December 18, 2013

Почеток

Насмевка надојде
по погледот зад рамо
како рскавична риба по месо.

Се поздравив со рака,
со копнеж,
небаре душата ти ја давам.

Можеби се знаевме,
само долго
не сме се виделе.

Под бистро небо,
чистина
впиваа нашите тела
додека се кротевме на Сонцето,
запознавајќи се.

Зашеметени мисли
и радосни очи.
Мислиш,
сме го испиле цело небо.

Ја сакаш ли Малиот принц?

Те молам...припитоми ме!




Thursday, September 5, 2013

(Не)волја

Овој пат
од листот не направив плико,
а бродот го пуштив
сам да си го најде патот.

Овој пат,
не напишав ништо нежно,
ги изгубив убавите зборови
во тој куп од чкртаници.

Thursday, August 15, 2013

Меѓустаница

Ќе дојде!
Го чувствував по трепките на грбот
што ми лазеа како колона од мравки
во потрага по храна.

Дојде!
На станица
како воз без возен ред
кој не е запишан на ниедна мапа.

Можеби ќе остане-
Како птица која не заминува на југ.
Можеби ќе замине-
како пламен од чкорче кое догорува...

Верувај ми

Вистината Е знак на пријателство
како Рака што подаваш некому,
Убеден дека ќе ја фатиш и ти неговата.
Вербата во другиот е рефлексија на твојата верба,
А секоја позитивна постапка може само
да ја Јакне уште повеќе.

Мислите се она што сме ние, а
Изѕиданата ограда околу нас ги покажува нашите стравови
од нештата што сме ги искусиле... и тоа е во ред и човечки,
но те молам,
кај оградата направи врата
и дозволи ми да имам клуч од неа!


Monday, August 5, 2013

Секогаш имаш пријател

Се качуваш или слегуваш
Еден ден,
Каде и да води твојот пат, ќе посакаш
Од некаде рака да ја фати твојата и
Глас пријателски да чуеш.
Ако во тебе се случува нешто,
Шепни, јас ќе бидам таму.

Извежбај ги
Мислите да ме повикаат.
Ако сакаш да имаш некого, само
Шепни, јас ќе бидам таму.

Пробај,
Рашири ги рацете и во
Истиот миг ќе бидам во твојата прегратка,
Јас, истата до сега, без
Алиште на себе, отскриена, низ
Трепет ќе ти покажам
Еден свет, каде
Лебдат нашите искрени мисли.

Sunday, June 23, 2013

Најубавата љубовна песна






*Се извинувам,
но поради сеуште неизмислените најубави зборови,
не сум во можност да ви ја доловам поемата.

 Благодарам на вниманието!

Saturday, June 15, 2013

Одново родени

Знам зошто не треба да ти верувам,
ти си сега онаму каде што јас бев,
но не со тебе,
не и со твоите.

Се свиткував како фетус,
од болка
која ја вбризга во моите вени.

Сега конечно научив да заминам
за да бидам на сигурно.
Ме научија да заминам,
за да бидам на сигурно.
Да се разбудам,
од се што до сега сонив.

Замок од перници
изградив со пријатели
со душа на деца.

Еден ден и ти ќе се разбудиш
и ќе се свиткаш,
барем  на момент,
исто како фетус,
за се што пропушти.


Tuesday, April 2, 2013

На две минути до пет

Гравитацијата се слева
од око в око
додека лежам бочно.

Мириса на пролет со малку дожд.
Многу дрвја расцветуваат,
некои луѓе овенуваат.
Добредојде на зеленилото!

Штурчето го нема денес
на две минути до пет,
наместо,
се слушна птичји глас.

Доволно е за ајде!
Растргај ја покривката и протегни се,
скоро и да осветли -
не очекува убав ден!

Monday, March 18, 2013

Оттргнување

Барам причина да не ти се јавам,
да почувстувам
дека ти недостигам.

Ја спрострив душата,
го извадив телото
дождот да ми го измие
пред повторно 
да скрцкам со забите
и да ми се рашират ноздрите од бес.

Капките ,
да лизгаат по мене 
со наслагите од болка...
да заминат, 
исто како ти.


Sunday, February 24, 2013

Драги

Посветена на 




Зуљамоски





Расте и по некое цвеќенце во зима
и среќата полека пушта коренчиња.
Сеќавања!

Родители на моите родители,
духовно воскресение,
мои родители.

Оставаат насекаде по малку трага
за да остане
голем белег за нивното постоење.

Поминуваме заедно,
по некое мезе,
по некој стих со вино
и убави спомени
од погледот на планина низ прозор.

Родители на моите родители,
што ги сакам како мои.

Со венчиња од лаванда на нашите глави
шетаме низ космосот.

Драги,
наши,
мили.
Ве гушкам!


Tuesday, February 19, 2013

Лизгав под

Извини
што не можам да ти ги подарам
најубавите стихови на светот.
Се што нудам,
е само малку лудило,
многу разбирање
и грстови од бакнежи и прегратки.
Ништо посебно...

Извини
што можеби задоцнив
со мојата љубов,
погледот,
допирот на нашите раце,
насмевките.

Извини
што ќе забележам,
ама,
твојата кошула би ми стоела
перфектно голема на утро,
можеби,
да беше порано.

Извини!
Не ме прашувај зошто,
не сум сигурна...
мислам дека повеќе
си се извинувам себеси!

Влетав од старите кафулиња
со некои,
поинакви замисли од денес
и сега се појавив
сакајќи ја твојата насмевка
постојано.

Sunday, February 17, 2013

Петнаесетина поклопувања

Цагер е за оние
поневажните.

Стрелките постојано вртат
и се поклопуваат.
По шеесет минути од часот
ми одземаш
и пак отпочеток,
пак,
нови шеесет.

Неуспешно ги кратам,
а тие ко за инат
нараснуваат.

Се надевам,
нема да трае многу
или ќе биде
најдолго.

Friday, February 15, 2013

Појава

Се запознававме,
а околу масата,
почнаа да бледнеат сите
останати.

Го видов твоето дишење
додека се бараш
во мојот сокриен свет.
Во таа
најчувствителна мрежа
каде ги собирам сите зборови.

Сега јас дишам така,
додека се присеќам.

Wednesday, February 13, 2013

Залутан

Кога знаеш дека ни случајно 
нема
да се појави  на другата страна
на ходникот.

Кога знаеш дека 
и да тропниш на вратата
нема
да ти отвори познат лик.

Кога знаеш дека
нема
кој да ти го чува столчето
зошто и другите се слободни.

Кога знаеш,
сакаш да заборавиш!

Friday, February 8, 2013

Исцедени луѓе

Барам инспирација движејќи
по улица,
непознати лица
доаѓаат,
заминуваат.

Со згрчени души
одат некаде.

Се плашам,
дали и јас некому изгледам
така?