Monday, May 18, 2020

Чад

Догоре свеќата
на која топлевме раце.

Тогаш,

Кога твојата лага
ја надвладеа
сета вистина.

Кога твојот егоизам
се исправи повисоко од
компромисот.

Тогаш,
твојата гордост
ја надвладеа мојата љубов.

И згасна...

Saturday, March 15, 2014

Можности

Здраво за готово
ги зеде моите зборови
над кои бдеев
од сомнеж во нивната сила.

Да се борат.
Да преживеат.
Да те допрат.
Да направат промена.

Колку сакав
да отвориш простор
под твојата рака за мене.

Замислував како
ми ги земаш прстите меѓу твоите
и пријатно молчиме...
или се губиш во стихот
со вознемирено дишење.

Долго време
размислував за се
што можеше да предизвикаат
тие зборови
кои паднаа во бездејствие
по вашата средба.

Wednesday, December 18, 2013

Почеток

Насмевка надојде
по погледот зад рамо
како рскавична риба по месо.

Се поздравив со рака,
со копнеж,
небаре душата ти ја давам.

Можеби се знаевме,
само долго
не сме се виделе.

Под бистро небо,
чистина
впиваа нашите тела
додека се кротевме на Сонцето,
запознавајќи се.

Зашеметени мисли
и радосни очи.
Мислиш,
сме го испиле цело небо.

Ја сакаш ли Малиот принц?

Те молам...припитоми ме!




Thursday, September 5, 2013

(Не)волја

Овој пат
од листот не направив плико,
а бродот го пуштив
сам да си го најде патот.

Овој пат,
не напишав ништо нежно,
ги изгубив убавите зборови
во тој куп од чкртаници.

Thursday, August 15, 2013

Меѓустаница

Ќе дојде!
Го чувствував по трепките на грбот
што ми лазеа како колона од мравки
во потрага по храна.

Дојде!
На станица
како воз без возен ред
кој не е запишан на ниедна мапа.

Можеби ќе остане-
Како птица која не заминува на југ.
Можеби ќе замине-
како пламен од чкорче кое догорува...

Верувај ми

Вистината Е знак на пријателство
како Рака што подаваш некому,
Убеден дека ќе ја фатиш и ти неговата.
Вербата во другиот е рефлексија на твојата верба,
А секоја позитивна постапка може само
да ја Јакне уште повеќе.

Мислите се она што сме ние, а
Изѕиданата ограда околу нас ги покажува нашите стравови
од нештата што сме ги искусиле... и тоа е во ред и човечки,
но те молам,
кај оградата направи врата
и дозволи ми да имам клуч од неа!


Monday, August 5, 2013

Секогаш имаш пријател

Се качуваш или слегуваш
Еден ден,
Каде и да води твојот пат, ќе посакаш
Од некаде рака да ја фати твојата и
Глас пријателски да чуеш.
Ако во тебе се случува нешто,
Шепни, јас ќе бидам таму.

Извежбај ги
Мислите да ме повикаат.
Ако сакаш да имаш некого, само
Шепни, јас ќе бидам таму.

Пробај,
Рашири ги рацете и во
Истиот миг ќе бидам во твојата прегратка,
Јас, истата до сега, без
Алиште на себе, отскриена, низ
Трепет ќе ти покажам
Еден свет, каде
Лебдат нашите искрени мисли.