Thursday, November 22, 2012

Чекална


Намрштени се.
Можеби размислуваат за војните на исток
или блиското насилство над хомосексуалците.

Намрштени се зошто се чувствуваат бескорисно
кога не можат да помогнат, мора да е тоа...

Тапкаат со стапалата по земјата толку силно
мислиш под нозете гледаат
неправди, насилство,
глупост и разврат.

Сигурно размислуваат
за нешто важно,
што ни ги загрозува животите
и не прави нелуѓе.

Зошто инаку би биле намрштени
додека само чекаат некого или нешто?
Сигурно размислуваат...

Saturday, November 17, 2012

Струја на свеста: за нервозите



Ме нервираат постојани ветувања.
Ме нервира кога некој
не аргументирано напаѓа
и наметнува свое мислење
како најпаметен на светот.
Ме нервира кога некој
што почитува искреност
не е искрен кон себеси и другите.
Ме нервира кога некој
го омаловажува мојот труд.
Ме нервира кога
луѓе што не читаат
ми делат совети за книги.
Ме нервира гужва.
Ме нервираат кавги и тепачки.
Ме нервира насилство
на здравиот разум.
Ме нервира простотилак.
Ме нервира кога некој
ме прекинува во важен момент
и ја заборавам целта.
Ме нервира кога некои зборови
ме потсетуваат на тебе
а ти не си тука.
Ме нервираат многу нешта
ама во глобала
не сум нервозна личност. 

Струја на свеста: за сакањето


Сакам јадење зготвено со љубов.
Сакам да возам по снег.
Сакам да не ми студи кога влегувам во базен
Сакам да ги заборавам сите лоши моменти
Сакам некој да ми посвети внимание
Сакам рачно изработени подароци
Сакам да имам повеќе енергија
Сакам сладолед и овошје
Сакам на манекенките
да им се исполни желбата
за мир во светот.
Сакам луѓе кои имаат граница.
Сакам поезија, театар и вино.
Сакам пелинковац со портокал.
Сакам решавање на проблеми.
Сакам разговор.
Сакам допир.
Сакам што моите родители
се баш тие
Сакам што сум јас баш таа.

Friday, November 16, 2012

Не кажан збор

Можев да доближам до тебе,
можев да ти подарам многу.
Но, не се тоа нешта,
те молам, тоа е 
премногу пејоративна форма за нив.

Не е ни љубов,
а се поврзува со неа
како две канчиња од кисело млеко
мегу конец.

Сакаш ли да играме телефонирање
и се што премолчивме 
да шепнеме во кенчето?

Можеби знаев дека ќе дојде
до ваков молк.
Ставив ограда во мислите,
да не излетаат во туѓ двор.

Тивко е.
Можам да патувам сега.
И заради тебе, 
морав да се заљубам
во мојот сон.

Ракување

Од време на време,
се присеќам на нас
па се вознемирувам
како што ненадеен звук на капките
од затворена чешма
може да вознемират.

Нешто е расипано.
Мириса на непоправливост.

Зошто прегратката е поголема од нас?

Посакувам,
бар за момент да ги допреме прстите
и да го размениме нашиот
таен бакнеж...
на заминување.

Од време на време,
ми недостасува нас
да ми ја разбие тишината
како што ненадеен звук на капките
од затворена чешма
може да ја разбијат.

Saturday, November 10, 2012

Подари ми вистина

Излуфтирај ги мислите.
Распни ги на прозорот
кај што има поголем видик.

Излуфтирај ги мислите
и не ставај парфем додека
стариот мирис не избледи.

Излуфтирај ги мислите.
Пушти им чист воздух
да им го зголемиш капацитетот.

Излуфтирај ги,
од туѓиот мирис
на рацете што ги допирале.

Без да се увериш
во нивната чистина,
те молам,
не влегувај кај мене!

Твоите чекори

Ми ја затемни сцената,
а јас се исплашив
како прв пат да гледам
театар.

Овој пат не ми беше тешко
да ги тргнам завесите
и да пуштам светлина.

Што правиш сега?

Цвеќињата нараснати на ѕидот
не се корнат лесно
и на крај пак од коренчињата
ќе остане трага.

Тебе ти значеа ситните нешта,
а кај мене крупните
изгубија на значење...