Sunday, December 23, 2012

Си било еднаш

На малото човече,
уште несвесно за своето постоење,
родителите
куклен театар му правеле.

И играчките кашлаат.

Така почнала претставата,
така се родиле ликовите,
ете така еднаш
одамна,
се роди огромна љубов.

Граделе замок заедно,
виножито од креди на ѕидно катче,
полигон низ соба
и траги од нечие возење по паркет.

Да,
ова е тоа исто време
што пред неколку години беше.

Си купив елка,
ја превртев
и закачив на ѕидот.
Чекав барем ламбичите да осветлат.

Барав невозможно,
насмевка
на тажен лик.

Најдов пат,
кој ме одесе кон иста вода.

На брод,
капетан со неуморен дух
пренесуваше патници кон созревање.
Ми подаде рака
и јас на своја кожа
да ја почувствувам морската треска.

Доволно долго за среќа,
прекратко за една вистинска љубов.
Мојата карта не е во тој правец...
посакувам да беше.

Saturday, December 22, 2012

Mirage

Humankind is dying,
Apocalipse isn't needed
Lucid dream I dreamed
Love didn’t exist.
Underground bugs,
Creatures,
Inside us eat the truth!
Nobоdy cares!
Adapted horizons,
Tightly connected to the matrix.
I managed to get through
Own decisions I make
No hesitation between apathy and battle

Tuesday, December 18, 2012

Привидение

Хартијата ги трпи моите
Анархични испади.
Луциден сон сонив,
Улиците беа валкани, а човекот вид во изумирање.
Црвчиња ни ја јадеа внатрешноста.
Излудени од секојдневието,
Настрвени да се убие вистината.
Адаптирани видици,
Цврсто приклучени на матрицата.
Избегани -само малкумина!
Јас сеуште мислам дека сама одлучувам:
Апатија или борба!

Wednesday, December 12, 2012

Безумна страст


Денес,
се движат под моја кожа,
повторно.
Посилно.
Сами се судривме
разголени на снегот.

Во водата- сол.
Капката ме убива,
ме оживува.
Јакне слабеејќи ме.

Затворени врати.
Клучалка без клуч,
само малку простор
едно око да се насити.

Птицата,
станала обетка.
Желбата,
затвореник со два лика.

Мелпомена по Талија,
тага по радост,
немоќност по желба,
Сонце по Месечина,
делување по реакција.

Свесноста на умот,
спроти
нашите најдлабоки потреби.

Бескрвната жртва 
во темно
ја осветли Ерато.

Tuesday, December 4, 2012

Молк

Толку кратко остана,
а толку многу остави.

Остави недовршени разговори,
недокажани желби,
неродени спомени
и мене со молк.

Толку кратко остана,
а јас толку многу оставив.

Ги оставив твоите чекори,
ракувањето,
не кажаниот збор,
меѓупросторот и вратите,
некоја струја на свеста,
чекање да подариш вистина
и секако мојот напишан молк.

Saturday, December 1, 2012

Уште еден ден


Ѕиркам со едното око
во твојот отворен свет.
Kако да влезам кога нема врати?

Таму сум!

Го следам движењето на твојата рака
и моливот кој го лизгаш
низ непрекината орбита.

Космичноста во мене
ги спознава
сите нијанси на бои
кои постојат.

Пишуваме, читаме.
За каква слобода копнеат
ѕидовите
на кои се испишани графити?

Со сила удираме по тепихот
да се ослободи од нечистотија,
бојадисуваме предмети-
да ја покриеме.
Само нашата не се ослободува,
ниту прикрива...

И како толку бргу
успеваме од малите слатки дечења
да направиме чудовишта?
И божем малку сме злосторници
па ни требаат уште.

Нешто размислувам,
многу порано од мене
се родиле луѓето кои ги засакав.

Дали времето тогаш било посончево
или недостиг на светло
го сочинувало денот?

Се отпоздравуваме со добро,
без да го мислиме.

Прочитај ми ги мислите
за мене, 
за мојот свет.

И те молам,
читај ми за напишаното
гледајќи ме в очи.

Thursday, November 22, 2012

Чекална


Намрштени се.
Можеби размислуваат за војните на исток
или блиското насилство над хомосексуалците.

Намрштени се зошто се чувствуваат бескорисно
кога не можат да помогнат, мора да е тоа...

Тапкаат со стапалата по земјата толку силно
мислиш под нозете гледаат
неправди, насилство,
глупост и разврат.

Сигурно размислуваат
за нешто важно,
што ни ги загрозува животите
и не прави нелуѓе.

Зошто инаку би биле намрштени
додека само чекаат некого или нешто?
Сигурно размислуваат...

Saturday, November 17, 2012

Струја на свеста: за нервозите



Ме нервираат постојани ветувања.
Ме нервира кога некој
не аргументирано напаѓа
и наметнува свое мислење
како најпаметен на светот.
Ме нервира кога некој
што почитува искреност
не е искрен кон себеси и другите.
Ме нервира кога некој
го омаловажува мојот труд.
Ме нервира кога
луѓе што не читаат
ми делат совети за книги.
Ме нервира гужва.
Ме нервираат кавги и тепачки.
Ме нервира насилство
на здравиот разум.
Ме нервира простотилак.
Ме нервира кога некој
ме прекинува во важен момент
и ја заборавам целта.
Ме нервира кога некои зборови
ме потсетуваат на тебе
а ти не си тука.
Ме нервираат многу нешта
ама во глобала
не сум нервозна личност. 

Струја на свеста: за сакањето


Сакам јадење зготвено со љубов.
Сакам да возам по снег.
Сакам да не ми студи кога влегувам во базен
Сакам да ги заборавам сите лоши моменти
Сакам некој да ми посвети внимание
Сакам рачно изработени подароци
Сакам да имам повеќе енергија
Сакам сладолед и овошје
Сакам на манекенките
да им се исполни желбата
за мир во светот.
Сакам луѓе кои имаат граница.
Сакам поезија, театар и вино.
Сакам пелинковац со портокал.
Сакам решавање на проблеми.
Сакам разговор.
Сакам допир.
Сакам што моите родители
се баш тие
Сакам што сум јас баш таа.

Friday, November 16, 2012

Не кажан збор

Можев да доближам до тебе,
можев да ти подарам многу.
Но, не се тоа нешта,
те молам, тоа е 
премногу пејоративна форма за нив.

Не е ни љубов,
а се поврзува со неа
како две канчиња од кисело млеко
мегу конец.

Сакаш ли да играме телефонирање
и се што премолчивме 
да шепнеме во кенчето?

Можеби знаев дека ќе дојде
до ваков молк.
Ставив ограда во мислите,
да не излетаат во туѓ двор.

Тивко е.
Можам да патувам сега.
И заради тебе, 
морав да се заљубам
во мојот сон.

Ракување

Од време на време,
се присеќам на нас
па се вознемирувам
како што ненадеен звук на капките
од затворена чешма
може да вознемират.

Нешто е расипано.
Мириса на непоправливост.

Зошто прегратката е поголема од нас?

Посакувам,
бар за момент да ги допреме прстите
и да го размениме нашиот
таен бакнеж...
на заминување.

Од време на време,
ми недостасува нас
да ми ја разбие тишината
како што ненадеен звук на капките
од затворена чешма
може да ја разбијат.

Saturday, November 10, 2012

Подари ми вистина

Излуфтирај ги мислите.
Распни ги на прозорот
кај што има поголем видик.

Излуфтирај ги мислите
и не ставај парфем додека
стариот мирис не избледи.

Излуфтирај ги мислите.
Пушти им чист воздух
да им го зголемиш капацитетот.

Излуфтирај ги,
од туѓиот мирис
на рацете што ги допирале.

Без да се увериш
во нивната чистина,
те молам,
не влегувај кај мене!

Твоите чекори

Ми ја затемни сцената,
а јас се исплашив
како прв пат да гледам
театар.

Овој пат не ми беше тешко
да ги тргнам завесите
и да пуштам светлина.

Што правиш сега?

Цвеќињата нараснати на ѕидот
не се корнат лесно
и на крај пак од коренчињата
ќе остане трага.

Тебе ти значеа ситните нешта,
а кај мене крупните
изгубија на значење...

Tuesday, October 30, 2012

Споменка

Премногу блиску
преку рамото
го имам изминатиот пат.

И сликата на која
пресреќна седам
до твоето столче во дворот.

Секогаш ме прашуваа,
а сите знаеја....

Па тој е многу внимателен
и културен сум рекла.

Не ме изненади,
ништо не сум излажала.
Се прашувам само како тоа главче
меѓу двете прцлиња
можеело да знае
за внимателност?!

И можеби
некаде сеуште се зачувани
тие искрени детски тајни
да сонувам
со отворени очи
а ти да бидеш
отспротива.


Врати


Еји насмевни се,
тоа ми е доволно за до
почетокот
на отворените ролетни.

Сончогледите не следат
и двајцата,
не знаеме чиј телефон ѕвони,
во позадина врати..

Од секаде се отвараат само
можности
ги заклучуваме
па ги чуваме во стомакот
заедно со клучот.

Се отвараат можности...
може!...или ќе притреба...

Си потпевнуваме,
ти не знаеш што
малото девојче разбира.

Thursday, October 18, 2012

Билет во еден правец

Со поглед преку девет планини
се соочувам со туѓите "универзалии".
Но чекајте,
јас имам друга боја на очите
и ги топлам рацете
во сопствениот џеб.

Времето премногу се троши
на крцкање на прстите.

Недовршен автопат
и непознати стопери
со наместена насмевка те чекаат
да им отвориш врата.

Буричкаат во пепелникот
од недостиг на идеи
за нивните патувања.

Големиот ден
го користат за бркање на пеперутки
во туѓ стомак.

Ме надразнува за повраќање.

Tuesday, October 9, 2012

Меѓупростор

Ми доаѓа со други букви да почнам,
за да ја преминам границата.
Се прашувам што има таму?

Ми треба свеж воздух
да пробам да се вратам со мислите.
Премногу испив од твоите зборови.

Многу нешта се случија
додека Месечината направи само едно кружење.
Многу нешта се случија
додека школката беше отворена за познанства.

И мислам на утре пишувајќи за вчера,
несигурно одам некаде
со кршливи мисли
како есенски лисја под нечија чизма.

Friday, September 14, 2012

Залутана од виорот

Те следев како сончоглед
барајќи топлина.
Љубовта
ја пратив преку ветрот
да стигне побргу до тебе.
Изгледа некаде залутала...

И знам дека не сме исти,
се разликуваме јас и ти.
Но нешто ужасно многу
ме привлекува,
штом постојано ти се навраќам.

Wednesday, September 12, 2012

Храброст

Ветрот ми ја растури косата,
изгледав хаотично,
како што се чувствував.

По не знам кој пат размислував
и ја отворив дланката
да најдам нешто ново.

Немаше ништо.
Останале тие што веќе и беа.
Стравот заминал.

Saturday, August 18, 2012

За Неа

Ти беше таа која од секогаш
ни ги потсекуваше крилата
и порано ова го сфаќав
страшно и трагично мислејќи дека
ми го засекуваш видикот,
но ти само сакаше да знаеме
до каде да земаме замав.

Тешко ми е
кога ќе помислам дека
не сум те сфатила до крај
и потрошив време
во кое можев
повеќе да сакам.

И се почна од раката.
Се уште треперам
кога ќе се сетам како ја читаш
таа, на омилениот твој.
Треперам на
поддршката од раката!
Треперам на твојот глас
кој знае да ги изусти
вистинските зборови!

Tuesday, August 7, 2012

Крадец на сонот

Во миг ќе се вивнам
кон друг крај
додека седам во темнината
и чекам некој знак.
Те чекам тебе,
не можам да заспијам...

Ќе летам на запад
но ќе изгревам кај тебе,
па одвреме на време
ќе те задевнам
за да знам дека си тука
и да те потсетам дека ме има.

Ми го украде сонот.
Баш сега кога е тивко
го направи немирно.
Кога околу нема никој,
а сама јас не сум...

Ќе ми се искраднеш
низ насмевка на момент,
за нешто што било
и допрва што иде.
За сонот да ми го земеш
и будна да сонувам.
Да можам да те напишам.

Wednesday, July 18, 2012

Повод

Дојдоа како под присила,
ко да мора,
ете така колку да се пивне нешто.

И сите твои, а непознати,
туѓи, оттуѓени.
Разгоараа нешто,
можеби кажуваа шеги.
Не ги слушав,
беа далечни
и за мене неразбирливи.

Friday, July 13, 2012

Дождот

Никој не ќе забележи
како го доживуваш,
дали тагуваш
или плачеш од среќа.

А секогаш ти олеснува,
те ослободува!

И така пред Ромео и Јулија
тој се истури силно,
еднаш од љубов
и еднаш од жал,
за тоа што ќе следи:
Она што си го добил
за подарокот-внимание
што си го дал.

Saturday, July 7, 2012

Парче вечност


Ѕидот на кој седеа
се извишуваше над нејзината моќ
да допре до површината.
Нишјќи ги така нозете
мислиш во пресрет на ветрот,
забележа дека месечината се огледува
во неговиот лик.

Тоа не беше ѕид
крај кој застануваа луѓето
и се восхитуваа.
Немаше ниту позната историја,
но таа вечер имаше своја улога
во нивнаа претстава.

Гледајќи во месечевиот отсјај
таа забележа дека прамен од неговата коса
и пркосеше на секојдневноста.

Тој пак ја следеше со нежно протегната насмевка
и сјај во тие закосени очи додека зборуваа.


На паузите од зборовите 
го вознемируваа дишењето,
чиниш создаваа нова мелодија на страста.

Беше пријатно утро.
Таа се разбуди со парче ѕид
во дланката.

Tuesday, June 12, 2012

Боженствена љубов


Се сретнавме кај иста карпа
што стоеше на патот од двајцата.
Ја набљудувавме од сите страни
од надвор, од внатре,
а секој на свој начин.


Не се сеќавам дека споревме,
но очигледно беше дека
таа е влез кон магија за двајцата.


Беше тоа тајно училиште за животот.


И нешто некаде тргна наопаку.
Се собра цел рој,
побројни беа оние кои не знаеја
што се случува,
се однесуваа како да се на панаѓур.


Со изгубен осет за мирис и гурелки на очите
ја душкаа нејзината внатрешност,
гледаа па ракоплескаа.
Божем, компетентни да ја возвишуваат.


Немаа поим што прават, зошто...
Не ја сфаќаа ширината на тој затворен простор
во кој престојуваа.
Не му даваа значење ни  на тоа парче црвена завеса.


Гледајќи околу мене впивав се и сите.
Од секогаш им се гадев на израстоците,
а сега гледам тие веќе успеале,
дел се и од ентериерот таму...


Не се плашам да им пркосам.
Та таа божица е вредна за бранење,
дарува со мудрост ако знаеш како да ја следиш.


Најнакрај, нејзината мудрост ме доведе до овде.

Таа ме доведе и до тебе.

Monday, June 4, 2012

Допир

Лизгајќи ги прстите по твојот грб
ти ги следев движењата.

Во тишината повремено се слушаше 
само дишењето
но таа смиреност 
зборување многу повеќе отколку
било каков разговор да почневме.

Знаев само дека не сакам да си одам.
Гледајќи го полека
осветлувањето низ прозорецот
станував свесна дека ни останува
се помалку време.

Почнав да треперам.
Требаше да станам 
но нешто ме враќаше постојано назад.

Ги зголемував минутите,
им броев по повеќе секунди.
Не се сеќавам колку...

Ми се допаѓаше тој твој поглед
иако знаев дека често го употребуваш.
Ми се допаѓаше и допирот
но беше време- морав да заминам.

Monday, May 28, 2012

Сенка

Едвај ја чекам зошто
блесокот од високо ме прави среќна,
тогаш ја барам идеалната точка на земјата
и те достигнувам.

Си мислев дека така
ќе бидам поблизу до тебе
и ќе уживам шепнувајќи ти нешто
без да стојам на прсти.

Но тоа нема да бидам јас, 
та таа се издолжила имајќи го мојот лик
зошто мисли дека полесно ќе постигне нешто.

Решив да не ја гледам,
да не ја помислам.
Не ја сакам веќе!

Знам дека ти ќе ме видиш и без неа
и ќе ме чуеш што ти кажувам молчејќи,
а моето пресигнување ќе е како она
на љубовните разгледници,
за да можам да те бакнам.

Сега посакувам 
да го дочекаме нејзиното заминување,
а сепак да сме заедно од
светнувањето до гаснењето
на блесокот од високо.

Тој блесок нуди нов лик
кој беше само привидна среќа!

Monday, April 9, 2012

Дождот на постоењето

Собираш капка по капка
во вдлабнатите дланки.
Едни доаѓаат, други заминуваат
и се така.

Првите се речиси незабележливи,
но како поминува времето
стануваат се појасни и појасни
и се здобиваат со различни
форми и големини.

Една е симбол на клупите
и хамерите во разни бои,
дрвените и мрсни боички
и употребата на гума во споменарот.

Во сосема друга
се чувани сите добро скриени тајни,
погледите и филмот на кино
со првите драги.

Доаѓа и лудилото
кое е карактеристично
за времето во кое се јавува,
а со него и навидум
страшните-ситни расправии,
испразнетите шишенца,
останатиот сок,
моментите кои ти ги прераскажувале ,
смешни луѓе,
тажни погледи,
глупави размислувања и што не.

Ги има многу.
Засилуваат па се намалуваат,
некаде долго, а некаде не,
па секој по патот.

Секоја капка си тежнее кон нешто,
си има свое минато,
запишала своја историја,
па е посебна и препознатлива.
Колку и да не ја сакаш- ти се допаѓа.

Денес се радувам на овие денешниве.
Оформена фигура и мирис на
пријатен парфем
кој се создал од нешто свето.

Има само три елементи,
но тие си се сосема доволни.
Одат заедно во пакет
и изгледаат како целина.

Им завидуваш?
Дури и кога би можел да ги разделиш
тие знам ќе се најдат некаде
преку мирисот,
допирот и разбирањето.

Ова го посветувам на нив
и на големината
на секој елемент посебно
и на сите заедно.
На нивната енормна поврзаност.

Дури и кога ќе испарат овие капки
нивниот мирис
ќе се сеќава сеуште.
Трите елементи
никогаш нема да бидат далеку
еден од друг,
каде и да се.

Едноставно- Тие се имаат!

Monday, March 26, 2012

Плус пулс

Се двоумам
и одеднаш ми текнува,
правам план
за нешто да не испуштам.

Се' позабрзано дишам
и чекам прстот сам да одлучи
на кое отчукување
ќе го направи крајниот потег.

Чекам, уште еднаш...и ете си.
Се радувам.
Сакам да кажам нешто
за да те воодушевам.

Те насмеав.
Ми заблагодари!
Секогаш се заблагодаруваш.
Тоа ми се допаѓа!

И уште еднаш се потврди
тоа старото- никој после тебе
не може да ми го уништи расположението.

Чувствувам како сите клетки
да ми се изградени само од протони...
Така наелектризируваш! :)

Wednesday, March 14, 2012

За нашите патувања

Двајца? Еден?
Некој сосема трет?

Не знам што побрзо да мислам
како и каде да делувам.
Беспомошно чекам знак
од некаде
додека се преместувам
од едната на другата
стана од креветот.

Но нема ништо,
тивко е, а јас викам и
чекам некој да ми шепне гласно.

Често не можам да заспијам,
се превртувам долго во ноќта,
размислувам за нив
и штом ќе почнам да правам споредби
помислувам на мене
и мојот тежок куфер...

Страв ми е дека
нема да можам да стигнам до целта
се додека е тој со мене,
а не можам да го оставам,
тој е,
единствен е,
мој е.
Не можам да го сменам,
да го испразнам.

Непријатно е чувството кога ти е тешко,
а го носиш,
со сета сила се напрегаш
за да продолжиш да одиш.
Ќе паднеш, па ќе станеш.
Ќе те дувне ветрот наназад,
па пак ќе се вратиш.
Сонцето ќе ти ја испече кожата,
а ти мораш да почекаш да помини црвенилото,
да се врати во нормала и пак продолжуваш.

И ете времето брзо минува
додека ти се случуваат тие препреки,
ама не можеш да им се скриеш.
Тие се дел од тебе,
од твоето постоење!

Така тешкиот куфер
се надева дека ке се испразни,
а ти се надеваш
дека некој ќе ти помогне.
Ќе ја пушти раката
и ќе го фати од другата страна
за заедно да го носите.

Па нели споделена радост е поголема радост,
а споделена тага е помала тага?!
Се си мислам
дека е така и со товарот,
но тој продолжува да тежи
само помалку,
а кој сака тежина?
Колку и да е мал тој продолжува
да биде товар...

Или можеби кога ќе успееш тие двајца,
кои ја делат тежината,
да гледаат и да одат во иста насока,
тогаш и помалку е важна тежината.
Веќе тргнале
а можеби и добро им оди муабетот по пат...

Но што знам јас?
Сеуште верувам дека многумина
ги разбираат поуките од бајките,
верувам во луѓе со вистински животни вредности,
и во разбирање.

За многумина ќе е нејасно сето ова
но јас не очекувам од секој да го сфати,
не ми требаат мене сите.
Ги сакам некои
и знам дека ако прочитаат ќе знаат
или барем ќе се посомневаат
Зошто моето внимание го добиваат
баш тие, избраните, посебните.
Тие помалку исти од другите!