Tuesday, October 30, 2012

Споменка

Премногу блиску
преку рамото
го имам изминатиот пат.

И сликата на која
пресреќна седам
до твоето столче во дворот.

Секогаш ме прашуваа,
а сите знаеја....

Па тој е многу внимателен
и културен сум рекла.

Не ме изненади,
ништо не сум излажала.
Се прашувам само како тоа главче
меѓу двете прцлиња
можеело да знае
за внимателност?!

И можеби
некаде сеуште се зачувани
тие искрени детски тајни
да сонувам
со отворени очи
а ти да бидеш
отспротива.


Врати


Еји насмевни се,
тоа ми е доволно за до
почетокот
на отворените ролетни.

Сончогледите не следат
и двајцата,
не знаеме чиј телефон ѕвони,
во позадина врати..

Од секаде се отвараат само
можности
ги заклучуваме
па ги чуваме во стомакот
заедно со клучот.

Се отвараат можности...
може!...или ќе притреба...

Си потпевнуваме,
ти не знаеш што
малото девојче разбира.

Thursday, October 18, 2012

Билет во еден правец

Со поглед преку девет планини
се соочувам со туѓите "универзалии".
Но чекајте,
јас имам друга боја на очите
и ги топлам рацете
во сопствениот џеб.

Времето премногу се троши
на крцкање на прстите.

Недовршен автопат
и непознати стопери
со наместена насмевка те чекаат
да им отвориш врата.

Буричкаат во пепелникот
од недостиг на идеи
за нивните патувања.

Големиот ден
го користат за бркање на пеперутки
во туѓ стомак.

Ме надразнува за повраќање.

Tuesday, October 9, 2012

Меѓупростор

Ми доаѓа со други букви да почнам,
за да ја преминам границата.
Се прашувам што има таму?

Ми треба свеж воздух
да пробам да се вратам со мислите.
Премногу испив од твоите зборови.

Многу нешта се случија
додека Месечината направи само едно кружење.
Многу нешта се случија
додека школката беше отворена за познанства.

И мислам на утре пишувајќи за вчера,
несигурно одам некаде
со кршливи мисли
како есенски лисја под нечија чизма.