Sunday, December 23, 2012

Си било еднаш

На малото човече,
уште несвесно за своето постоење,
родителите
куклен театар му правеле.

И играчките кашлаат.

Така почнала претставата,
така се родиле ликовите,
ете така еднаш
одамна,
се роди огромна љубов.

Граделе замок заедно,
виножито од креди на ѕидно катче,
полигон низ соба
и траги од нечие возење по паркет.

Да,
ова е тоа исто време
што пред неколку години беше.

Си купив елка,
ја превртев
и закачив на ѕидот.
Чекав барем ламбичите да осветлат.

Барав невозможно,
насмевка
на тажен лик.

Најдов пат,
кој ме одесе кон иста вода.

На брод,
капетан со неуморен дух
пренесуваше патници кон созревање.
Ми подаде рака
и јас на своја кожа
да ја почувствувам морската треска.

Доволно долго за среќа,
прекратко за една вистинска љубов.
Мојата карта не е во тој правец...
посакувам да беше.

Saturday, December 22, 2012

Mirage

Humankind is dying,
Apocalipse isn't needed
Lucid dream I dreamed
Love didn’t exist.
Underground bugs,
Creatures,
Inside us eat the truth!
Nobоdy cares!
Adapted horizons,
Tightly connected to the matrix.
I managed to get through
Own decisions I make
No hesitation between apathy and battle

Tuesday, December 18, 2012

Привидение

Хартијата ги трпи моите
Анархични испади.
Луциден сон сонив,
Улиците беа валкани, а човекот вид во изумирање.
Црвчиња ни ја јадеа внатрешноста.
Излудени од секојдневието,
Настрвени да се убие вистината.
Адаптирани видици,
Цврсто приклучени на матрицата.
Избегани -само малкумина!
Јас сеуште мислам дека сама одлучувам:
Апатија или борба!

Wednesday, December 12, 2012

Безумна страст


Денес,
се движат под моја кожа,
повторно.
Посилно.
Сами се судривме
разголени на снегот.

Во водата- сол.
Капката ме убива,
ме оживува.
Јакне слабеејќи ме.

Затворени врати.
Клучалка без клуч,
само малку простор
едно око да се насити.

Птицата,
станала обетка.
Желбата,
затвореник со два лика.

Мелпомена по Талија,
тага по радост,
немоќност по желба,
Сонце по Месечина,
делување по реакција.

Свесноста на умот,
спроти
нашите најдлабоки потреби.

Бескрвната жртва 
во темно
ја осветли Ерато.

Tuesday, December 4, 2012

Молк

Толку кратко остана,
а толку многу остави.

Остави недовршени разговори,
недокажани желби,
неродени спомени
и мене со молк.

Толку кратко остана,
а јас толку многу оставив.

Ги оставив твоите чекори,
ракувањето,
не кажаниот збор,
меѓупросторот и вратите,
некоја струја на свеста,
чекање да подариш вистина
и секако мојот напишан молк.

Saturday, December 1, 2012

Уште еден ден


Ѕиркам со едното око
во твојот отворен свет.
Kако да влезам кога нема врати?

Таму сум!

Го следам движењето на твојата рака
и моливот кој го лизгаш
низ непрекината орбита.

Космичноста во мене
ги спознава
сите нијанси на бои
кои постојат.

Пишуваме, читаме.
За каква слобода копнеат
ѕидовите
на кои се испишани графити?

Со сила удираме по тепихот
да се ослободи од нечистотија,
бојадисуваме предмети-
да ја покриеме.
Само нашата не се ослободува,
ниту прикрива...

И како толку бргу
успеваме од малите слатки дечења
да направиме чудовишта?
И божем малку сме злосторници
па ни требаат уште.

Нешто размислувам,
многу порано од мене
се родиле луѓето кои ги засакав.

Дали времето тогаш било посончево
или недостиг на светло
го сочинувало денот?

Се отпоздравуваме со добро,
без да го мислиме.

Прочитај ми ги мислите
за мене, 
за мојот свет.

И те молам,
читај ми за напишаното
гледајќи ме в очи.