Wednesday, March 14, 2012

За нашите патувања

Двајца? Еден?
Некој сосема трет?

Не знам што побрзо да мислам
како и каде да делувам.
Беспомошно чекам знак
од некаде
додека се преместувам
од едната на другата
стана од креветот.

Но нема ништо,
тивко е, а јас викам и
чекам некој да ми шепне гласно.

Често не можам да заспијам,
се превртувам долго во ноќта,
размислувам за нив
и штом ќе почнам да правам споредби
помислувам на мене
и мојот тежок куфер...

Страв ми е дека
нема да можам да стигнам до целта
се додека е тој со мене,
а не можам да го оставам,
тој е,
единствен е,
мој е.
Не можам да го сменам,
да го испразнам.

Непријатно е чувството кога ти е тешко,
а го носиш,
со сета сила се напрегаш
за да продолжиш да одиш.
Ќе паднеш, па ќе станеш.
Ќе те дувне ветрот наназад,
па пак ќе се вратиш.
Сонцето ќе ти ја испече кожата,
а ти мораш да почекаш да помини црвенилото,
да се врати во нормала и пак продолжуваш.

И ете времето брзо минува
додека ти се случуваат тие препреки,
ама не можеш да им се скриеш.
Тие се дел од тебе,
од твоето постоење!

Така тешкиот куфер
се надева дека ке се испразни,
а ти се надеваш
дека некој ќе ти помогне.
Ќе ја пушти раката
и ќе го фати од другата страна
за заедно да го носите.

Па нели споделена радост е поголема радост,
а споделена тага е помала тага?!
Се си мислам
дека е така и со товарот,
но тој продолжува да тежи
само помалку,
а кој сака тежина?
Колку и да е мал тој продолжува
да биде товар...

Или можеби кога ќе успееш тие двајца,
кои ја делат тежината,
да гледаат и да одат во иста насока,
тогаш и помалку е важна тежината.
Веќе тргнале
а можеби и добро им оди муабетот по пат...

Но што знам јас?
Сеуште верувам дека многумина
ги разбираат поуките од бајките,
верувам во луѓе со вистински животни вредности,
и во разбирање.

За многумина ќе е нејасно сето ова
но јас не очекувам од секој да го сфати,
не ми требаат мене сите.
Ги сакам некои
и знам дека ако прочитаат ќе знаат
или барем ќе се посомневаат
Зошто моето внимание го добиваат
баш тие, избраните, посебните.
Тие помалку исти од другите!

No comments:

Post a Comment